Господ Бог зборува вака: „Вратата на внатрешниот двор, што гледа кон исток, нека биде затворена шест работни денови, а нека биде отворувана во саботниот ден; и нека биде отворувана во денот на младата месечина.
Кнезот нека влегува низ нивниот трем и нека застане кај довратникот; тогаш свештениците ќе ги принесат неговата паленица и жртва благодарница, а тој ќе се поклони при прагот на вратата и ќе излезе. Вратата нека не се затворува до вечер.
А кога народот на земјата ќе доаѓа во празниците пред Господа оној кој ќе влезе низ северната врата за да се поклони, нека излезе низ јужната, а кој ќе влезе низ јужната, нека излезе низ северната; нека не се враќа кон вратата низ која што влегол, туку нека излезе низ спротивната.
Кога кнезот ќе сака да Му принесе доброволна паленица или доброволна жртва благодарница на Господа, нека му ја отворат вратата што гледа кон исток, па нека ја принесе паленицата и својата жртва благодарница како во саботен ден; потоа нека излезе а кога ќе излезе, вратата нека се затвори.
А лебниот принос со него принесувај го секое утро по шестина ефа и по третина ин масло, за да се попрска брашното; тоа нека Му биде лебен принос на Господа според вечна уредба.
Господ Бог зборува вака: „Ако кнезот му даде подарок на некој свој син од своето наследство, тој дар ќе им припадне ним во сопственост како наследство.
Ако од своето наследство му даде подарок на некој свој слуга, тоа ќе му припаѓа нему до ослободувачката година, а потоа нека му биде вратен на кнезот; наследството им припаѓа само на кнезовските синови.
Кнезот не смее да присвои ништо од наследството на народот, ограбувајќи народниот недвижен имот. На своите синови нека им даде наследство од својот имот, за да не се распрсне народот, протеран од својата сопственост.”‘“
Потоа ме одведе низ влезот покрај вратата во свештеничките простории на Светилиштето што гледаа кон север, и ете: таму, во дното, кон запад, едно место!
И ми рече: „Ова е местото каде што свештениците ќе ги варат жртвите за престапи и за грев и жртвата помирница, каде ќе ги печат лебните приноси за да не ги изнесат во надворешниот двор та да го осветат народот.”