Потоа ме одведе назад кон вратата на Домот. И ете: вода извираше под прагот на Домот, кон исток - зашто лицето на Домот беше кон исток - и водата истечуваше под десната страна на Домот, јужно од жртвеникот.
Потоа ме изведе низ северната врата и ме помина наоколу по надворешниот пат кон надворешната врата што гледа кон исток. И ете, водата извираше од десната страна.
Таму пак измери илјада лакти и ме помина преку водата, а водата беше до колена. И пак измери илјада лакти и ме помина преку водата што беше до појасот.
Пак измери илјада лакти, ама таму беше поток што не можев да го поминам, зашто водата придојде та требаше да се плива: тоа беше поток што не можеше да се помине.
И каде и да потече потокот, секое суштество што се движи ќе биде живо; и ќе има мошне многу риби, зашто каде и да дојде оваа вода, сè оздравува и оживува - каде и да протече овој поток.
Вдолж потокот на обете страни ќе растат секакви овошки: лисјата нема да им паѓаат и од нив нема да снемува плод; секој месец ќе раѓаат нов плод, зашто водата им дотечува од Светилиштето. Нивниот плод ќе биде за јадење, а лисјата за лек.”
Ќе ја поделите со жрепка во наследство меѓу себе и меѓу придојдениците, кои што живеат сред вас и што сред вас народија деца. И нив ќе ги сметате домородци меѓу Израелевите синови, за да добијат и тие наследство со жрепка меѓу Израелевите синови.