Не радувај се, Израелу, не воскликнувај како другите народи; му се предаде на блудството, зашто, откако го остави Својот Бог, ја засака блудничката плата по сите гумна.
Не ќе Му налеваат веќе вино на Господа, ниту ќе Му ги принесуваат своите жртви; лебот ќе им биде како леб на жалост, и ќе биде нечист кој ќе го јаде; зашто нивниот леб е само за нив, нема да влезе во Господовиот Дом.
Зашто, еве како отидоа пред запустувањето; Египет ќе ги прифати, Мемфис ќе ги погребе, копривата ќе ги наследи нивните сребрени блага, нивните шатори ќе зарастат во трње.
Дојдоа деновите на казната! Дојдоа деновите на одмаздата! Израел нека знае! Пророкот е луд, вдахновениот блада! Заради твоето големо беззаконие и заради големата омраза.
Го најдов Израел како грозје во пустината, ги видов вашите татковци како ран плод на смоквата; тие дојдоа во Вел Фегор, му се посветија на срамот и станаа грозотии како нивните љубимци.
Во Галгал е сета нивна злоба, таму ги замразив. Заради нивните лоши дела, ќе ги истерам сите од Својата куќа, не ќе ги љубам веќе, сите кнезови им се одметници.