×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Амос 9

1
Го видов Господа како стои на жртвеникот и вели: удри во горниот праг на вратата за да се растресат спојките и расцепи ги врз главите на сите нив, а другите од нив ќе ги убијам Јас со меч: никој од нив, кој бега, нема да избега, и никој од нив, кој сака да се спаси, нема да се спаси.
2
И да се закопаат во најдолниот дел на земјата, и оттаму раката Моја ќе ги извлече; и да се качат на небото, и оттаму ќе ги сметнам.
3
Макар да се скријат и на врв Кармил, и таму ќе ги најдам и ќе ги земам; па и да се сокријат и од очите Мои во морското дно, и таму ќе му заповедам на змајот морски да ги голтне.
4
И во плен, ако појдат пред непријателите свои, ќе му заповедам на мечот таму да ги убие. Ќе ги свртам врз нив очите Свои за нивно зло, а не за добро.
5
Зашто Господ Бог Саваот ќе се допре до земјата, и таа ќе се растопи, и ќе се расплачат сите живи на неа; ќе се крене таа цела како река и ќе се спушти како реката египетска.
6
Он ги изгради своите горни дворци на небесата и сводот Свој го зацврсти на земјата; ги повика морските води и ги изли по земјата; Господ е името Негово.
7
Вие, синови Израилеви, не сте ли за мене како синови етиопски, вели Господ, нели Јас го изведов Израилот од земјата Египетска и Филистејците – од Кафтор и Арамејците од Кир?
8
Ете, очите на Господа Бога се врз грешното царство, и Јас ќе го истребам од лицето на земјата, но домот на Јакова нема целосно да го истребам, вели Господ.
9
Зашто, еве, Јас ќе заповедам и ќе го распраснам домот Изралев по сите народи, како што се растураат зрната во решето, и ниедно не паѓа на земја.
10
Од меч ќе умрат сите грешници меѓу народот Мој, кои велат: »нема да нѐ постигне и нема да дојде при нас тоа зло!«
11
Во оној ден ќе ја подигнам паднатата скинија Давидова, ќе ги пополнам пукнатините нејзини, срушеното ќе го подигнам и ќе ја средам, како во поранешните дни.
12
за да ги завладее остатокот од Едома и сите народи, меѓу кои ќе се спомнува името Мое, вели Господ, Кој го врши сето тоа.
13
Ете, ќе настапат дни, вели Господ, кога орачот ќе го затече жетварот и оној што гази грозје – сејачот; и горите ќе пуштаат гроздов сок, и од сите ридови ќе потече.
14
Ќе ги повратам заробените на Мојот народ Израилот; и пак ќе ги изградам запустените градови и ќе се населат во нив; ќе насадат лозја и ќе пијат вино од нив, и ќе направат градини и ќе јадат плодови од нив.
15
И ќе ги населам во земјата нивна и тие нема повеќе да бидат истргани од својата земја, која им ја дадов Јас, вели Господ, твојот Бог.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки