×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Zechariah 6

1
Пак ги подигнав очите свои и гледам: а таму, ете, излегуваат четири коли со коњи од еден дол меѓу две планини, а тие планини беа од бакар.
2
Кај првата кола коњите беа црвеникави, кај втората црни;
3
кај третата кола коњите беа бели, а кај четвртата кола – сиви и силни.
4
Проговорив и му реков на ангелот, што зборуваше со мене: »А што значи ова, господине мој?«
5
Ангелот одговори и ми рече: тоа се четирите небесни духа, кои излегуваат да се претстават пред Господа над целата земја.
6
Враните коњи излегуваа кон северната страна, а белите одеа по нив, додека сивите коњи одеа кон јужната страна.
7
Излегоа и силните, па се впуштија да ја обиколат земјата; и он им рече: »обиколете ја земјата«, и тие ја обиколија.
8
Тогаш тој ме повика и ми рече: ете, оние што отидоа кон северната страна, го успокоија духот Мој против северната страна.
9
И пак би слово Господово до мене:
10
земи од дојдените робја, од Халдеја, од Товија и од Једаја, и тргни истиот ден, па дојди во домот на Јосија, синот Софониев, каде што тие пристигнаа од Вавилон.
11
Земи од нив сребро и злато, па направи венци, и стави ги на главата на Исуса, синот Јоседеков, големиот архиереј,
12
и речи им: вака вели Господ Саваот: »Ете, маж, името Негово е Зачетник,« Он ќе израсне од коренот свој и ќе создаде храм Господен.
13
Он ќе создаде храм Господен и ќе се прослави, ќе седне на престолот свој и ќе биде владетел, ќе биде и свештеник на престолот свој, и ќе има согласност за мир меѓу едниот и другиот.
14
А венци ќе бидат за Хелема и Товија, за Једаја и Хена, синот Софониев, како спомен во храмот Господен.
15
И оддалеку ќе дојдат луѓе, што ќе учествуваат во градењето, на храмот, и вие тогаш ќе разберете, дека Господ Саваот ме испрати при вас, и сето тоа ќе се изврши, ако искрено го послушате гласот на вашиот Господ Бог.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки