Кога ќе затрубите по вторпат за поаѓање, тогаш да се кренат полковите, што се сместени кон југ; штом ќе затрубите по третпат за поаѓање, нека се кренат полковите што се настанети кон морето; кога по четврти пат ќе дадете знак, да се кренат полковите, што се настанети кон север; да се труби кога се тргнува на пат.
И кога ќе се кренете да ја браните земјата ваша од непријателот, кој оди против вас, трубете со знак, и Господ, Бог ваш, ќе си спомни за вас, и вие ќе се избавите од непријателите ваши.
И во деновите на веселбата ваша, и во празниците свои, и во новомесечијата свои трубете за сепаленица, а при жртвите ваши за спасение, – и тоа да биде сеќавање пред вашиот Бог: Јас сум Господ, Бог ваш.«
И му рече Мојсеј на Јовав, Рагуиловиот син, Мадијамецот, Мојсеевиот тест: »Ние одиме во она место, за кое Господ рече: ‚вам ќе ви го дадам.‘ Дојди со нас, ќе ти направиме добро, зашто Господ вети многу добрини за Израилот.«
И изминаа од планината Господова три дена пат, и ковчегот на заветот Господов одеше пред нив на три дена пат, за да им одбере место, каде да се сместат.
Кога ковчегот се креваше за пат, Мојсеј велеше: »Стани, Господи, за да се растурат Твоите непријатели, и да избегаат од Твоето лице оние, што Те мразат!«