×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Матеј 16

1
Тогаш, пристапија кон Исуса фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото.
2
Он, одговарајќи им, рече: »Навечер, велите: ќе биде ведро, оти небото е црвено;
3
а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?
4
Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.« Па како ги остави, си замина.
5
И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.
6
Исус им рече: »Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!«
7
А тие помислија во себе и си рекоа: »Тоа е што не зедовме леб?«
8
Но Исус ги разбра и им рече: »Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?
9
Уште ли не разбирате и не помните ли за петте лебови на пет илјади души, и колку кошеви собравте?
10
Ниту за седумте лебови на четири илјади души, и колку кошници собравте?
11
Како не разбирате дека не за леб ви реков: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘«
12
Тогаш разбраа дека Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.
13
И кога дојде Исус во земјата на Ќесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: »За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?«
14
Тие одговорија: »Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците.«
15
А Он им рече: »А вие, за кого Ме мислите?«
16
Симон Петар одговори и рече: »Ти си Христос, Синот на живиот Бог.«
17
Тогаш Исус му одговори и рече: »Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата.
18
А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
19
И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.«
20
Тогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому, оти е Он Исус Христос.
21
Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
22
А Петар, како Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: »Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!«
23
Но Он се заврте и му рече на Петра: »Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!«
24
Тогаш Исус им рече на учениците Свои: »Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене;
25
зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде:
26
оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
27
Зашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.
28
Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт дури не Го видат Синот Човечки како оди во царството Свое.«
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки