×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Матеј 22

1
И Исус почна пак да им зборува и им рече во параболи, велејќи:
2
”Небесното Царство приличи на цар, кој му направи свадба на сина си,
3
и ги испрати своите слуги да ги повикаат повиканите на свадбата, но тие не сакаа да дојдат.
4
Пак испрати други слуги, велејќи: ‘Речете им на повиканите: Еве, го приготвив својот ручек, моите јунци и згоените се заклани, и сè е готово. Дојдете на свадба!’
5
А тие не се грижеа и си отидоа: еден на својот имот, а друг по своја трговија;
6
а другите ги фатија неговите слуги, ги навредија и ги убија.
7
А царот се разгневи, ја испрати својата војска и ги погуби оние убијци и им го изгоре градот.
8
Тогаш им рече на своите слуги: ‘Гозбата е готова! - но повиканите не беа достојни.
9
Затоа излезете на раскрсниците и колку ќе најдете, поканете ги на свадбата.’
10
И слугите излегоа на патиштата и ги доведоа сите, кои ги најдоа: лошите и добрите, и свадбата се наполни со гости.
11
А кога царот влезе да ги види гостите, виде таму еден човек, кој не беше облечен во свадбена облека.
12
И му рече: ‘Пријателе, како влезе тука без свадбена руба?’ А тој молчеше.
13
Тогаш царот им рече на служителите: ‘Врзете му ги нозете и рацете и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и чкртање со забите!’
14
Зашто мнозина се повикани, но малку се избрани!”
15
Тогаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат на збор.
16
И Му ги испратија своите ученици, заедно со Иродовците, за да Му речат: „Учителе, знаеме дека си вистински и дека во вистина ги учиш луѓето на Божјиот пат, и не ти е грижа од никого, зашто не гледаш на лицето на луѓето.
17
И така, речи ни, што мислиш Ти! Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?”
18
А Исус, го разбра нивното лукавство и рече:
19
”Зошто Ме искушувате, лицемери? Покажете ми даночна монета!” Тие Му донесоа денариј.
20
И им рече: „Чиј е овој лик и натписот?”
21
Му рекоа: „На царот!” Тогаш им рече: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!”
22
И штом го чуја тоа, се зачудија, па Го оставија, и си отидоа.”
23
Во тој ден дојдоа кај Него садукеите, кои велат дека нема воскресение, и Го прашаа:
24
”Учителе, Мојсеј рече: ‘Ако некој умре без деца, неговиот брат нека ја земе неговата жена и нека му подигне потомство на брата си.’
25
А при нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре, а бидејќи немаше пород, му ја остави својата жена на брата си.
26
Така и вториот, и третиот, сè до седмиот;
27
а по сите умре и жената.
28
И така, при воскресението: кому од седуммината ќе му биде жена? Зашто сите ја имаа!”
29
А Исус им одговори и им рече: „Во заблуда сте, зашто не ги знаете Писмата, ниту Божјата сила.
30
Зашто при воскресението ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како Божјите ангели на небото.
31
А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рече Бог, Кој вели:
32
”Јас Сум Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов”? А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите!”
33
И кога народот го чу тоа, се восхитуваше на Неговата наука.
34
А кога фарисеите чуја дека ги замолкна садукеите, се собраа заедно,
35
и еден од нив, законик, Го праша, искушувајќи Го:
36
”Учителе, која е големата заповед во Законот?”
37
А Тој му рече: „Љуби Го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла!”
38
Тоа е најголемата и прва заповед;
39
а втората е како и оваа: „Љуби го твојот ближен како себеси!”
40
На тие две заповеди висат сиот Закон и Пророците.”
41
А кога фарисеите беа собрани, Исус ги праша:
42
”Што мислите за Христа? Чиј Син е?” Му рекоа: „Давидов.”
43
Им рече: „Како тогаш Давид, преку Духот, Го наречува Господ, велејќи:
44
’Му рече Господ на мојот Господ: ‘Седни од Мојата десна страна, додека ги положам Твоите непријатели под Твоите нозе’?
45
И така, кога Давид Го наречува Господ, како Му е Син?”
46
И никој не можеше да Му одговори ниту збор, ниту некој се осмели, од тој ден, веќе да Го праша.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки