×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Матеј 27

1
А кога се раздени, сите свештенички главатари и народните старешини се советуваа против Исуса, за да Го убијат.
2
И Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Понтиј Пилат.
3
Тогаш Јуда, кој Го предаде, откако виде дека Го осудија, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините;
4
велејќи: „Згрешив, зашто предадов невина крв.” А тие му рекоа: „Што ни е нам? Гледај ти!”
5
Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси.
6
А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.”
7
Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци.
8
Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива.
9
Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови,
10
и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.”
11
А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?” А Исус рече: „Ти велиш”.
12
И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ништо.
13
Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сè сведочат против Тебе?”
14
И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу.
15
А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале.
16
Тогаш имаа прочуен затвореник, кој се викаше Варава.
17
И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?”
18
Зашто знаеше дека Го предадоа од завист.
19
И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!”
20
Но првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.
21
Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?” А тие рекоа: „Варава!”
22
Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?” Сите рекоа: „Да биде распнат!”
23
А тој рече: „Какво зло направил?” А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!”
24
А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сè поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!”
25
И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!”
26
Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат.
27
Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него.
28
Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка;
29
исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!”
30
И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата.
31
Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат.
32
А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот.
33
И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп,
34
Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие.
35
А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.”
36
И седеа и Го пазеа таму.
37
И Му ставија над Неговата глава натпис за Неговата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.”
38
Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево.
39
А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите
40
и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!”
41
Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се:
42
”Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме!
43
Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!”
44
А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него.
45
А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час.
46
Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!?” - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?”
47
А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!”
48
И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие.
49
А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!”
50
А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот.
51
И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа,
52
а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети;
53
и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина.
54
А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сè што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!”
55
А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа.
56
​Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови.
57
А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик;
58
тој отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му биде дадено.
59
И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно
60
и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа. И навали голем камен на гробната врата и си отиде.
61
А Марија Магдалена и другата Марија, седеа таму спроти гробот.
62
А на идниот ден, по подготвувањето, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата
63
и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „Ќе воскреснам по три дни.”
64
Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат, и да му речат на народот: ‘Воскресна од мртвите,’ и последната измама ќе биде полоша од првата.”
65
Пилат им рече: „Ене ви стража; отидете и чувајте како што знаете!”
66
Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот - со стража.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки