×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Матеј 28

1
А по саботата, на осамнување на првиот седмичен ден, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот.
2
И ете, стана голем земјотрес, зашто Господов ангел слезе од небото, пристапи и го одмести каменот и седна на него.
3
А лицето му светеше како молња, а неговата облека - бела како снег.
4
Од страв пред него, стражарите трепереа и станаа како мртви.
5
Тогаш ангелот проговори и им рече на жените: „Вие не бојте се! Зашто знам дека Го барате распнатиот Исус.
6
Го нема тука, зашто воскресна, како што рече! Дојдете и видете го местото каде што лежеше,
7
​и отидете бргу и кажете им на Неговите ученици дека воскресна од мртвите и - ете - Тој оди пред вас во Галилеја. Таму ќе Го видите! Ете, ви кажав!”
8
И тие излегоа веднаш од гробот, со страв и со голема радост, и отрчаа да им соопштат на Неговите ученици.
9
И ете, Исус ги пресретна и рече: „Здраво!” А тие се приближија при Него, Му се фатија за Неговите нозе и Му се поклонија.
10
Тогаш Исус им рече: „Не бојте се! Одете и соопштете им на Моите браќа, да отидат во Галилеја; и таму ќе Ме видат.”
11
А кога одеа, ете, некои од стражарите дојдоа во градот и им соопштија на првосвештениците за сè што беше станало.
12
И се состанаа со старешините, и се советуваа, и им дадоа на војниците многу сребреници
13
и им рекоа: „Кажете дека Неговите ученици дојдоа ноќе и Го украдоа, додека ние спиевме.
14
И ако за ова чуе управителот, ние ќе го убедиме и ќе ве направиме да немате грижа.”
15
А тие ги зедоа сребрениците и постапија, како што ги подучија. И тоа слово се разгласи меѓу Јудејците до денес.
16
А Единаесетте ученици отидоа во Галилеја, на гората, каде што им беше определил Исус.
17
И штом Го видоа, Му се поклонија, а некои се сомневаа.
18
Тогаш Исус им се приближи и им рече: „Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата.
19
Така одејќи, направете ги сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух! Учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал!
20
И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!”
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки