×

Нов Превод 2023

Матеј 5

1
Кога го виде народот, Исус се искачи на гората. И, штом седна, Неговите ученици се приближија до Него.
2
И, откако ја отвори Својата уста, ги по­учуваше, велејќи:
3
„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!
4
Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!
5
Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
6
Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!
7
Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
8
Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9
Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
10
Блажени се гонетите заради правда, зашто нивно е царството небесно!
11
Блажени сте кога ќе ве срамат и прогонуваат, и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – поради Мене!
12
Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.
13
Вие сте солта на земјата. Но ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се осоли? Таа веќе не е за ништо, освен за да се фрли надвор и да се изгази од луѓето.
14
Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина.
15
Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на светилник, и им свети на сите во домот.
16
Така нека свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата!
17
Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги по­ниш­там, туку да ги исполнам.
18
Зашто, вистина ви велам: дури пос­то­јат небото и земјата, ниту една бук­вичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!
19
И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и така ќе ги научи луѓето, тој ќе се нарече велик во царството небесно.
20
Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и на фарисеите, нема да влезете во царството небесно!
21
Сте слушале дека на старите им било речено: ’Не убивај! А кој убие, ќе одговара пред судот.‘
22
Јас, пак, ви велам дека секој што се гневи на својот брат без причина, ќе одговара пред судот; а оној што ќе го нарече својот брат ’празноглав‘, ќе одговара пред Синедрионот; оној, пак, што ќе му рече: ’Будала‘, ќе одговара во огнениот пекол.
23
И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе,
24
остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со својот брат, а потоа дојди и принеси го својот дар.
25
Измири се брзо со твојот противник, уште додека си на пат со него, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата – на судскиот поданик, и да бидеш фрлен в затвор;
26
вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го дадеш и последниот кодрант.
27
Сте слушале дека е речено: ’Не прави прељуба!‘
28
А Јас ви велам дека секој што погледнува на жена со похота кон неа, тој веќе извршил прељуба со неа во своето срце.
29
Ако те соблазнува десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро е за тебе да погине еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.
30
И ако твојата десна рака те соблазнува, исечи ја и фрли ја од себе; зашто по­добро ти е да погине еден дел од твоето тело, от­колку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.
31
Уште било речено: ’Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘
32
А Јас ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја наведува да прави прељуба; и ако некој се ожени со така оставена, тој прави прељуба.
33
Сте слушале и дека на старите им било речено – ’Не колни се лажно, туку исполнувај ги своите заклетви пред Господа.‘
34
А Јас ви велам: не колнете се воопшто – ниту во небото, зашто е Божји престол;
35
ниту во земјата, зашто е под­ножје на Неговите нозе; ниту во Еру­салим, зашто е град на великиот Цар.
36
Не колни се ниту во својата глава, зашто не можеш ниту едно влакно да направиш бело или црно.
37
Вашиот збор да биде: ’Да, да‘, или ’не, не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од злиот е.
38
Сте слушале дека е речено: ’Око за око и заб за заб.‘
39
А Јас ви велам: не противете му се на злиот. Ако некој те удри по дес­ниот образ, заврти му го и другиот.
40
А на оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе туниката, дај му ја и на­метката.
41
И ако некој те натера да одиш со него една милја, оди со него две.
42
На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што сака да позајми од тебе.
43
Сте слушале дека е речено: ’Љуби го својот ближен и мрази го својот непријател.‘
44
А јас ви велам: љубете ги своите непријатели, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат,
45
за да бидете синови на вашиот Отец, Кој е на небесата; зашто Тој прави Неговото сонце да изгрева и врз лошите и врз добрите, и им праќа дожд и на праведните и на неправедните.
46
Зашто ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ќе ви биде наградата? Не го прават ли истото и даночниците?
47
И, ако ги поздравувате само своите бра­ќа­, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците?
48
И така, бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.
Macedonian Bible 2023
Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
:
Зачувајте Белешки