БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999
|
| 1 |
| А на Своите ученици им зборуваше: „Беше еден богат човек, кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот. |
| 2 |
| И тој го повика и му рече: ‘Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување! Не можеш веќе да бидеш настојник!’ |
| 3 |
| А настојникот си рече во себеси: ‘Што да правам, зашто господарот ми го одзеде настојништвото? Да копам? Не можам! Да просам? Се срамам! |
| 4 |
| Знам што да направам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.’ |
| 5 |
| И ги повика должниците на својот господар - секого поодделно - и му рече на првиот: ‘Колку му должиш на мојот господар?’ |
| 6 |
| А тој рече: ‘Сто мери масло.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата, седни веднаш и напиши - педесет!’ |
| 7 |
| Потоа му рече на другиот: ‘А ти, колку должиш?’ Тој рече: ‘Сто мери пченица.’ Му рече: ‘Земи си ја признаницата и напиши - осумдесет!’ |
| 8 |
| И господарот го пофали неправедниот настојник, зашто постапи мудро; зашто синовите на овој свет, според својот род, се помудри од синовите на светлината. |
| 9 |
| И Јас ви велам: спечалете си пријатели со неправедно богатство, за да ве примат во вечни живеалишта, кога ќе приврши. |
| 10 |
| Кој е верен во најмалото - верен е и во многу; а несправедливиот во најмалото, несправедлив е и во многу. |
| 11 |
| И така, ако не бевте верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското? |
| 12 |
| И ако не бевте верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е ваше? |
| 13 |
| Ниеден слуга не може да им служи на два господара; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите на Бога и на мамона!” |
| 14 |
| А сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа. |
| 15 |
| И им рече: „Вие се претставувате за праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто она што меѓу луѓето се смета за високо, пред Бога е гнасно.” |
| 16 |
| ”Законот и Пророците беа до Јована. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото Царство, и секој насила влегува во него. |
| 17 |
| Полесно е небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот. |
| 18 |
| Секој кој ја остава својата жена и се жени со друга, прави прељуба; и кој се жени со оставена - прељубодејствува.” |
| 19 |
| ”А беше еден богат човек, кој се облекуваше во црвено сукно и во ленено платно и се веселеше сјајно секој ден. |
| 20 |
| А еден сиромав, по име Лазар, целиот со чирови, лежеше пред неговата врата |
| 21 |
| и сакаше да се насити со она, што паѓаше од столот на богатиот. И кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните. |
| 22 |
| И сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовото крило; |
| 23 |
| умре и богатиот и го погребаа. А во пеколот, во маката, ги поткрена своите очи и го виде оддалеку Авраама и Лазара во неговото крило, |
| 24 |
| и извика: ‘Татко, Аврааме, смили ми се и испрати го Лазара да го накваси врвот на својот прст во вода, за да ми го разлади јазикот, зашто се измачувам многу во овој пламен!’ |
| 25 |
| Авраам му рече: ‘Синко, сети се дека ти ги прими своите блага додека беше жив, а Лазар - злото! Сега тој се утешува тука, а ти се измачуваш. |
| 26 |
| Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, така што ни оние кои би сакале да преминат оттука при вас - не можат; ниту пак да преминат оттаму при нас.’ |
| 27 |
| А тој рече: ‘Тогаш, те молам, татко, испрати го во куќата на татка ми; |
| 28 |
| зашто имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маки!’ |
| 29 |
| А Авраам рече: ‘Ги имаат Мојсеја и Пророците, нека ги слушаат нив!’ |
| 30 |
| Тој пак рече: ‘Не, татко, Аврааме! Но ако некој од мртвите отиде при нив, ќе се покајат.’ |
| 31 |
| Му рече: ‘Ако не ги слушаат Мојсеја и Пророците, нема да ги придобие ни оној, кој воскреснал од мртвите.’” |
|
| Зачувајте Белешки |
https://beblia.bible:81/BibleAudio/macedonianmkb1999/luke/016.mp3
24
16