Свето Писмо (Гаврилова) 1990
|
| 1 |
| Им кажа и парабола за тоа, оти секогаш треба да се молат да не паѓаат со духот. |
| 2 |
| И рече: »Во еден град имаше судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. |
| 3 |
| Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘ |
| 4 |
| Но тој за долго време нејќеше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се бојам и од луѓето не се срамувам, |
| 5 |
| но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа веќе и да не ми додева.‘« |
| 6 |
| И рече Господ: »Чујте што зборува несправедливиот судија! |
| 7 |
| Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? |
| 8 |
| Ви велам, ќе ги заштити набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?« |
| 9 |
| А на оние, што беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: |
| 10 |
| »Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник. |
| 11 |
| Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник. |
| 12 |
| Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што придобивам.‘ |
| 13 |
| А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘ |
| 14 |
| Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.« |
| 15 |
| При Него донесуваа и младенци, за да се допре до нив; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа. |
| 16 |
| Но Исус, кога ги повика, им рече: »Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо! |
| 17 |
| Вистина ви велам: кој не го прими царството Божјо како дете, нема да влезе во него.« |
| 18 |
| И Го праша еден управник, велејќи: »Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?« |
| 19 |
| А Исус му рече: »Зошто ме наречуваш добар? Никој не е добар, освен еден Бог. |
| 20 |
| Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си.« |
| 21 |
| А тој рече: »Сето тоа сум го запазил од младоста своја.« |
| 22 |
| Штом го чу тоа, Исус му рече: »Уште едно не ти достига: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!« |
| 23 |
| А тој, кога го чу тоа, се нажали, оти беше многу богат. |
| 24 |
| Штом виде дека тој многу се разжалости, Исус рече: »Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство? |
| 25 |
| Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.« |
| 26 |
| Оние, што го чуја тоа, рекоа: »Тогаш, кој може да се спаси?« |
| 27 |
| А Он одговори: »Неможното за луѓето е можно за Бога.« |
| 28 |
| Петар, пак, рече: »Ете, ние оставивме сѐ и врвиме по Тебе.« |
| 29 |
| Он им рече: »Вистина ви велам, дека нема ниеден, што оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо, |
| 30 |
| а да не добил многу повеќе, од тоа уште сега, во ова време, а во идниот век – и живот вечен.« |
| 31 |
| И кога ги зеде со Себе дванаесетте, им рече: »Еве, одиме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки: |
| 32 |
| дека ќе Го предадат на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го оскрбат и ќе Го плукаат, |
| 33 |
| ќе Го бичуваат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.« |
| 34 |
| Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не разбраа што им кажа. |
| 35 |
| А кога се приближуваше Он до Ерихон, еден слепец седеше крај патот и просеше; |
| 36 |
| и штом чу дека покрај него врви народ, праша: »Што е тоа?« |
| 37 |
| Му кажаа дека минува Исус Назареецот. |
| 38 |
| Тогаш тој извика и рече: »Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!« |
| 39 |
| Оние, што одеа напред, го искараа да молчи; но тој уште погласно викаше: »Сине Давидов, помилуј ме!« |
| 40 |
| Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша, |
| 41 |
| велејќи: »Што сакаш да ти направам?« Тој рече: »Господи, да прогледам!« |
| 42 |
| Тогаш Исус му рече: »Прогледај! Верата твоја те спаси.« |
| 43 |
| И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога. |
|
| Зачувајте Белешки |
https://beblia.bible:81/BibleAudio/macedonian1990/luke/018.mp3
24
18