×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Јован 12

1
На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите.
2
Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа на трпезата.
3
А Марија, како зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови, и ги избриша со косата своја нозете Негови; и куќата се исполни со мирис од мирото.
4
Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариот, кој што подоцна Го предаде, рече:
5
Зошто не се продаде ова миро за триста динарии, и да се раздадеше на сиромаси?
6
Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она, што пуштаа во него.
7
А Исус рече: »Оставете ја! Таа го запазила тоа за денот на Моето погребение;
8
оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.«
9
Мнозина од Јудејците разбраа дека е Исус таму, па дојдоа не само заради Исуса, туку да го видат и Лазара, кого Он го воскресна од мртвите.
10
А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазара,
11
зашто мнозина од Јудејците се одделуваа поради него и веруваа во Исуса.
12
На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја деда Исус доаѓа во Ерусалим,
13
зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и викаа, велејќи: »Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!«
14
А Исус, кога најде едно осле, седна на него, како што е напишано:
15
»Не бој се, ќерко Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на осле.«
16
Но ова учениците Негови не го разбраа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му го направија.
17
Народот, што беше со Него кога го извика Он Лазара од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше.
18
Затоа и Го пречека народот, оти беше чул дека тоа чудо Он го направи.
19
А фарисеите се велеа помеѓу себе: »Гледате ли, дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него.«
20
Меѓу дојдените за празникот, на поклонение, имаше и некои Елини.
21
Тие пристапија кон Филипа, кој што беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: »Господине, сакаме да Го видиме Исуса.«
22
Дојде Филип и му рече на Андреја; а Андреј и Филип Му кажаа на Исуса.
23
Исус, пак, им одговори велејќи: »Дојде часот да се прослави Синот Човечки.
24
Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.
25
Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја мрази душата своја на овој свет, ќе ја запази за живот вечен.
26
Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
27
Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов на овој час.
28
Оче, прослави го името Свое!« Тогаш дојде глас од небото: »И Го прославив, и пак ќе Го прославам.«
29
А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: »Загрми«, други, пак, рекоа: »Ангел Му прозбори.«
30
Исус одговори и рече: »Не заради Мене беше овој глас, но заради вас.
31
Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде истеран надвор.
32
И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.«
33
А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.
34
Народот Му одговори: »Сме слушале од Законот, дека Христос вечно ќе постои, а како Ти велиш оти Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?«
35
Тогаш Исус им рече: »Уште малку време Светлината е со вас; одете дури има светлина, за да не ве опфати мракот; а кој оди по мрак, не знае каде оди.
36
Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината!« Штом го рече тоа, Исус се отстрани и се сокри од нив.
37
Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него,
38
за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: »Господи, кој поверува во она, што чул од нас? И раката Господова кому се откри?«
39
Тие затоа не можеа да поверуваат, оти Исаија уште вели:
40
»Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обрнат, за да ги излекувам.«
41
Ова го рекол Исаија, кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.
42
Но од началниците мнозина поверуваа; само заради фарисеите не признаваа, за да не бидат исфрлени од синагогата;
43
зашто им беше помила човечката слава, отколку славата Божја.
44
А Исус подигна глас и рече: »Кој верува во Мене, не во Мене верува, а во Оној, Кој што Ме пратил,
45
и кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној, што Ме пратил.
46
Јас како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.
47
И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.
48
Кој што се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.
49
Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.
50
И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.«
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки