×

Нов Превод 2023

Јован 2

1
На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска и мајката на Исус беше таму.
2
На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици.
3
И кога приврши виното, Му рече на Исус Неговата мајка: „Немаат вино.“
4
Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.“
5
Но мајка Му им рече на слу­жителите: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“
6
А таму имаше шест камени садови за вода, поставени според ју­дејскиот обичај за очистување, што собираа од две до три мери.
7
Исус им рече: „Наполнете ги са­довите со вода!“ И тие ги наполнија до горе.
8
Па им рече: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!“ И му однесоа.
9
И кога старосватот вкуси од виното, што беше станало од вода – а тој не зна­еше од каде е, но служителите, што ја беа нацрпиле водата, знаеја – старосватот го повика младоженецот
10
и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат, тогаш полошото; но ти си го чувал доброто вино досега.“
11
Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на Своите чуда и ја покажа Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него.
12
Потоа Тој слезе во Капернаум со мајка Му, Неговите браќа и Неговите ученици; и таму останаа неколку дена.
13
Се приближуваше јудејската Пасха и Исус се искачи во Еру­са­лим.
14
Во храмот ги затекна како седат оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари.
15
И откако направи камшик од врвци, ги избрка од храмот сите, и овците и воло­вите; а на менувачите им ги растури па­рите и им ги испреврте масите,
16
па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде! Не правете од до­мот на Мојот Отец, дом за трговија!“
17
Тогаш Неговите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“
18
А Јудејците, пак, одговорија и Му рекоа: „Каков знак ќе ни покажеш, штом го правиш тоа?“
19
Исус им одговори и рече: „Ур­не­те го овој храм и за три дена ќе го подигнам.“
20
А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дена ли ќе го подигнеш?“
21
Но Тој говореше за храмот на Сво­ето тело.
22
А кога воскресна од мртвите, Неговите ученици се се­тија дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на словото што го беше рекол Исус.
23
А кога беше во Ерусалим на праз­никот Пасха, мнозина, гледајќи ги чу­десните знаци што ги пра­ве­ше, поверуваа во Неговото име.
24
Но Самиот Исус не им се доверува­ше, бидејќи ги знаеше сите,
25
и немаше потреба никој да Му све­дочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот.
Macedonian Bible 2023
Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
:
Зачувајте белешки