×

Нов Превод 2023

Дела 2

1
Кога дојде денот Педесетница, сите беа еднодушни и собрани на едно место.
2
Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како кога дува силен ветар, и ја исполни целата куќа во која седеа.
3
И им се појавија јазици како од оган, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив.
4
И сите се исполнија со Светиот Дух, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што Духот им даваше да изговараат.
5
А во Ерусалим имаше Јудејци, благочестиви луѓе, од секој народ под не­бото.
6
Кога настана тој звук, народот се насобра и се вознемири, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик.
7
И сите беа восхитени и се чудеа, велејќи си меѓу себе: „Ете, овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци?
8
Па како тогаш секој од нас го слуша својот мајчин јазик?
9
Партјани, Мидијци, Еламити и жите­лите од Месопотамија, Јудеја и Капа­до­кија, од Понт и Азија,
10
од Фригија, и Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и посетителите од Рим – Јудеи и прозелити,
11
Критјани и Арапи, еве слушаме како тие на нашите јазици зборуваат за го­лемите Божји дела?“
12
Сите се чудеа и во недоумица си зборуваа еден со друг: „Што ли значи ова?“
13
А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“
14
Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна својот глас и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Еру­салим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови;
15
овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот;
16
но ова е претскажаното преку пророкот Јоил:
17
’И ете во последните денови, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат вашите синови и ќер­ки­, и вашите млади ќе имаат ви­денија и вашите старци ќе сонуваат со­ништа.
18
Па дури и врз Моите слуги и слугинки во тие денови ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат.
19
И ќе покажам чуда горе на небото и знаци долу на земјата – крв, оган и облаци чад.
20
Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, пред да настапи великиот и славен ден Гос­по­дов.
21
И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘
22
Луѓе Израилци, слушнете ги овие зборови: Исус Назареецот, Човекот пос­ве­дочен пред вас од Бога со дела, чу­де­са и знаци, кои, како што и сами знаете, Бог преку Него ги направи меѓу вас,
23
беше предаден според определениот Божји план и предзнаење, а вие Го распнавте преку рацете на беззакониците и Го убивте.
24
Но Бог Го воскресна, ос­лободувајќи Го од смртните маки, бидејќи не беше можно смртта да Го задржи.
25
Зашто Давид за Него вели: ’Се­ко­гаш Го гледав Господ пред себе. Зашто Тој е од мојата десна страна, за да не се по­местам.
26
Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик; па дури и моето тело ќе почива во надеж;
27
зашто нема да ја оставиш мојата ду­ша­ во адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање.
28
Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со веселба преку Твоето лице.‘
29
Браќа, можам слободно да ви зборувам за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а неговиот гроб е меѓу нас сѐ до овој ден.
30
А, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва де­ка од плодот на не­го­вите бедра ќе Го подигне Христос по тело и ќе Го постави на Својот престол,
31
го предвиде ова и кажа за воскресението на Христос дека ниту Неговата душа ќе биде оставена во адот, ниту Неговото тело ќе види распаѓање.
32
Бог Го воскресна Овој Исус. За тоа сите ние сме сведоци.
33
И затоа, Тој, откако беше воздигнат оддесно на Бога и го прими од Оте­цот ветувањето на Светиот Дух, го излеа ова што сега вие го гледате и го слушате.
34
Зашто Давид не се вознесе на небесата, туку самиот вели: ’Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна,
35
додека не ги поставам Твоите неприја­те­ли­ за подножје на Твоите нозе.‘
36
И затоа, нека знае со сигурност си­от Израилев дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Гос­под и Христос.“
37
Кога го слушнаа тоа, им се растре­перија срцата, па им рекоа на Петар и на другите апостоли: „Браќа, што да направиме?“
38
А Петар им рече: „Покајте се и се­кој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе го примите дарот на Светиот Дух.
39
Зашто ветувањето ви припаѓа вам и на вашите чеда и на сите што се да­ле­ку, а кои ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“
40
И со многу други зборови све­до­че­ше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од ова изопачено поколение!“
41
И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се при­соединија во тој ден околу три илјади души.
42
И беа истрајни во учењето на апос­то­лите, во заедништвото, во пре­кршувањето на лебот и во молитвите.
43
И страв ја обзеде секоја душа, заш­то многу чуда и знаци се вршеа преку апостолите.
44
А сите што веруваа, беа заедно и сѐ им беше заедничко.
45
Тие ги продаваа имотите и сопственоста и на секого му раздаваа колку што му беше потребно.
46
И секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, прекршувајќи леб по ку­ќи­те, се хранеа со радост и со чисто срце,
47
Го фалеа Бога и стекнуваа благо­нак­лонетост кај целиот народ. А Господ се­кој ден ги присоединуваше кон Црквата оние кои се спасуваа.
Macedonian Bible 2023
Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
:
Зачувајте белешки