×

Свето Писмо (Гаврилова) 1990

Римјаните 12

1
Браќа, во името на милоста Божја, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба,
2
и не управувајте се според овој век, туку преобразете се преку вашиот обновен ум, за да можете да познавате, која е добрата, угодна и совршена волја Божја.
3
Зашто, преку благодатта, што ми е мене дадена, на секого од вас му кажувам да не мисли повеќе, отколку што треба да мисли; туку мислете скромно според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил.
4
Оти, како што во едно тело имаме многу органи, но сите членови не вршат една иста работа,
5
па така и ние сме едно тело во Христа, а посебно еден на друг сме му органи.
6
Според дадената благодат имаме разни дарови: ако е до пророштво, тогаш нека биде според верата;
7
служба ли, нека служи; учител ли е – нека учи;
8
наставник ли е – нека утешува; дарител ли, нека дарува; управител ли е, нека управува; кој што прави, нека го врши тоа со добра волја.
9
Љубовта нека не биде лицемерна; отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто;
10
еден спрема друг бидете љубезни со братска љубов: натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг.
11
Во усрдноста да не сте мрзливи; духот да ви биде пламенен; служете Му на Господа;
12
бидете радосни во надежта; во маката бидете трпеливи, а во молитвата постојани;
13
помагајте им на светиите во нивните нужди; трудете се да бидете гостопримливи;
14
благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете.
15
Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите!
16
Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри;
17
и никому не враќајте зло за зло, а размислувајте за тоа што е добро пред сите луѓе.
18
Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе.
19
Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: »Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам – вели Господ«.
20
И така, ако непријателот твој е гладен, нахрани го; ако е жеден, напој го; оти, правејќи го тоа, ти ќе му натрупаш жар на главата негова.
21
Не позволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016
:
Зачувајте белешки