1
А што се однесува до собирањето милостиња за светиите, правете и вие онака, како што уредив по црквите во Галатија:
2
во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави при себеси колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам.
3
А кога ќе дојдам, оние што ќе ги предложите, нив со писма ќе ги испратам, за да ја однесат вашата милостиња во Ерусалим.
4
Ако, пак, се најде за сходно да отидам и јас, тогаш ќе појдат со мене.
5
Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија.
6
А можеби при вас и ќе се задржам, па дури и да презимувам, та вие да ме придружувате насекаде, каде што ќе одам.
7
Оти не сакам сега веќе да ве видам само патем; а се надевам, ако позволи Господ, меѓу вас да поминам некое време.
8
А во Ефес ќе останам до Педесетница,
9
зашто за мене се отвори голема и за работа погодна врата, а противниците се многу.
10
Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте помеѓу вас да биде во безопасност; зашто тој го врши делото Господово како и јас.
11
Никој да не го унизи, туку испратете го со мир, та да дојде при мене, оти го очекувам со браќата.
12
А што се однесува до братот Аполос, многу го молев да дојде при вас со браќата; но, навистина, не сакаше сега да дојде, а ќе дојде, кога ќе му биде згодно.
13
Бидете бодри, стојте во верата, бидете мажествени, бидете крепки;
14
кај вас сѐ да станува со љубов.
15
Ве молам уште, браќа: знаете дека домот на Стефанин е почеток во Ахаја и дека се определи да им служи на светиите.
16
Покорувајте им се и вие на такви и на секого, кој што помага и се труди!
17
Се радувам дека дојдоа Стефанин, Фортунат и Ахаик: тие го пополнија вашето отсуство,
18
зашто го успокоија духот мој и ваш. Почитувајте ги таквите!
19
Ве поздравуваат азиските цркви; многу ве поздравуваат Акила и Прискила со својата домашна црква.
20
Ве поздравуваат сите браќа. Поздравете се еден со друг со свет целив!
21
Ве поздравувам јас, Павле, своерачно.
22
А оној што не Го љуби Господа Исуса Христа, нека биде проклет, маран-ата.
23
Благодатта на Господа Исуса Христа нека биде со вас,
24
и љубовта моја со сите вас во Христа Исуса. Амин!
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016