Ако, пак, посакам да се фалам, нема да бидам безумен, зашто ќе кажам вистина; но јас се воздржувам, да не би некој да помисли за мене повеќе, отколку што во мене гледа, или од мене слуша.
Но Он ми рече: »Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста«. Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се весели во мене силата Христова.
Еве, по третпат се готвам да дојдам при вас, и пак нема да паднам на ваш товар; оти јас не го барам вашето, туку вас: децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата.
Бидејќи се плашам, да не би, кога ќе дојдам да ве најдам не такви, какви сакам; а и вие да ме најдете таков, каков што не сакате: да не би меѓу вас да има кавги, завист, гнев, гордост, раздор, клевети, охолост, бунење;
да не би пак, кога ќе дојдам при вас, да ме унизи мојот Бог, и да плачам за мнозина, кои погрешиле порано и не се покајале за нечистотијата, блудството и срамотата, што ги направиле.