×

Нов Превод 2023

2 Коринтјаните 2

1
Па, во себе решив да не доаѓам повторно нажален кај вас,
2
зашто, ако јас ве нажалам, тогаш кој ќе ме зарадува, ако не оној кого сум го ожалостил?
3
Ова истото и ви го напишав, та, кога ќе дојдам, да не ме ожалостат оние кои треба да ме зарадуваат; бидејќи сум уве­рен во сите вас дека мојата радост е радост и за сите вас.
4
Зашто од голема жалост и со болка на срцето ви пишував низ многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете преголемата љубов што ја имам кон вас.
5
Ако, пак, некој ме ожалостил, не ме ожалостил само мене, туку донекаде – да не претерам – и сите вас.
6
На таквиот доволна му е самата казна што ја претрпел од мнозинството;
7
така што за вас е подобро спротивното – да му простите и да го утешите, за да не про­падне од преголема жалост.
8
Заради тоа, ве молам кон него да покажете љубов.
9
Токму затоа и ви напишав, за да ве испитам и да дознаам дали сте послушни во сѐ.
10
А кому вие му простувате нешто, му простувам и јас; зашто ако и сум простил некому нешто, сум му простил заради вас, пред лицето на Христос,
11
за да не нѐ прелаже сатаната, зашто неговите намери не ни се непознати.
12
Кога дојдов во Троада да го про­по­ведам Христовото благовестие, иако вратата ми беше отворена во Господ,
13
мојот дух немаше спокој, бидејќи таму не го најдов мојот брат Тит; и за­тоа, откако се простив со нив, заминав за Македонија.
14
Но да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Хрис­тос, и на секое место преку нас го пројавува мирисот на спознанието за Него.
15
Зашто ние сме Му на Бога благопријатен Христов мирис и меѓу оние кои се спасуваат и меѓу оние кои про­па­ѓаат.
16
На едните сме им смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот. И кој е способен за ова?
17
Зашто ние не сме како мнозина други кои тргуваат со словото Божјо, туку го про­поведаме искрено, како од Бога, пред Бога, во Христос.
Macedonian Bible 2023
Библиско Здружение на Р. Македонија 2023
:
Зачувајте белешки