×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Второзаконие 27

1
Потоа Мојсеј и израелските старешини му наложија на народот: „Вршете ги сите заповеди што ви ги наредувам денес.
2
Во оној ден кога ќе преминете преку Јордан во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, подигни си големи камења, варосај ги со вар
3
и напиши ги врз нив сите зборови на овој Закон во мигот кога ќе влегуваш во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог, во земјата во која течат мед и млеко, како што им рече Господ Бог на твоите татковци.
4
И така, кога ќе поминеш преку Јордан, тогаш тоа камење, како што ти заповедам денес, подигни го на гората Евал, и варосај го со вар.
5
Таму изгради Му и жртвеник на Господа, својот Бог - жртвеник од камења, врз кои не си спуштил железо.
6
Жртвеникот на Господа, својот Бог, изгради го од неделкани камења. На него принесувај Му паленици на Господа, својот Бог.
7
Принесувај и помирителни жртви и јади ги таму, радувајќи се пред Господа, својот Бог.
8
Напиши ги на тие камења сите зборови на овој Закон: врежи ги добро.”
9
Потоа Мојсеј и левитските свештеници му рекоа на сиот Израел: „Внимавај, Израеле, и слушај! Денес стана народ на Господа, својот Бог.
10
Затоа слушај го гласот на Господа, својот Бог, и извршувај ги Неговите заповеди и Неговите закони, што ти ги заповедам денес.”
11
Во оној ден Мојсеј му нареди на народот:
12
„Кога ќе поминете преку Јордан, овие племиња: Симеон, Левиј, Јуда, Исахар, Јосиф и Венијамин, нека застанат на гората Гаризим за да го благословуваат народот.
13
А овие: Рувим, Гад, Асир, Завулон, Дан и Нефталим нека застанат на гората Евал за да проколнуваат.
14
Тогаш левитите нека го преземат зборот и нека им речат со силен глас на сите Израелци:
15
‘Проклет да биде кој ќе направи леан или делкан лик - гнасна работа пред Господа, дело на ракотворец, па иако го стави на скришно место.’ И сиот народ нека одговори: ‘Амин!’
16
‘Проклет да биде, кој ги навредува татка си и мајка си!’ И сиот народ да рече: ‘Амин!’
17
‘Проклет да биде кој ќе го помести меѓникот на соседот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
18
‘Проклет да биде, кој ќе го заведе слепецот од патот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
19
‘Проклет да биде, кој би им ја извртел правдата на придојденик сирачето или вдовицата!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
20
‘Проклет да биде, кој ќе легне со жената на својот татко, зашто ја откри покривката на татака си!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
21
‘Проклет да биде, кој ќе легне со какво и да е животно!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
22
‘Проклет да биде, кој ќе легне со својата сестра, било да е таа ќерка на неговиот татко или ќерка на неговата мајка.’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
23
‘Проклет да биде кој ќе легне со својата тешта!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
24
‘Проклет да биде, кој ќе го убие потајно својот ближен!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
25
‘Проклет да биде, кој ќе прими поткуп за да му донесе смрт на невиниот!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’
26
‘Проклет да биде, кој не ќе ги пази зборовите на овој закон, да ги врши!’ И сиот народ нека рече: ‘Амин!’”
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки