1
Павле, апостолот на Исуса Христа по волја Божја, според ветениот живот во Христа Исуса,
2
до Тимотеја, возљубеното чедо. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Христа Исуса, нашиот Господ!
3
Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, затоа што постојано те спомнувам во молитвите свои дење и ноќе;
4
сеќавајќи се за твоите солзи, копнеам да те видам, за да се исполнам со радост,
5
и спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе.
6
Поради тоа ти напомнувам да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе преку моето ракополагање.
7
Зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста.
8
И така, не срамувај се од страдањата на нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата за Благовестието Христово по силата на Бога,
9
Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња,
10
а откриена сега со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспаѓањето преку Евангелието,
11
за кое што сум поставен како проповедник, апостол и учител на иноверците.
12
Затоа така и страдам; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Он е моќен мојот залог да го запази за оној ден.
13
Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса!
14
Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!
15
Го знаеш тоа дека од мене се одвратија сите Азијци, меѓу кои и Фигел и Ермоген.
16
Господ нека му даде милост на домот на Онисифора, зашто многупати ме успокои и не се посрами од веригите мои;
17
а, кога дојде во Рим, ме побара со уште поголема грижа и ме најде.
18
Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! – А колку ми услужи тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш.
Macedonian Bible 1990
Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016