×

БИБЛИЈА (Свето Писмо) MKB 1999

Исус Навин 18

1
Се собра заедницата на Израелевите синови во Сило, и таму го оптегнаа Шаторот на средбата. Сета земја им се покори.
2
Но меѓу Израелевите синови останаа уште седум племиња, кои не го примија своето наследство.
3
Тогаш Исус им рече: „До кога ќе се двоумите да тргнете и да ја земете во сопственост земјата што ви ја даде Господ, Бог на вашите татковци?
4
Изберете по тројца луѓе од секое племе, а јас ќе ги испратам да ја опишат сета земја за делба. Кога ќе се вратат при мене
5
ќе ја поделам земјата на седум делови. Јуда нека остане во своето подрачје на југ, а Јосифовиот дом нека остане на својот крај на север.
6
А вие опишете ја земјата на седум делови и донесете ми тука, за да фрлам жрепка за вас тука пред Господа, нашиот Бог.
7
Левитите не ќе имаат дел меѓу вас, зашто Господовото свештенство е нивно наследство; а Гад, Рувим и половината од Манасиевото племе го примија своето наследство на источната страна на Јордан - она што им го даде Мојсеј, Господовиот слуга.”
8
Луѓето се подготвија за пат, а Исус им заповеда на оние кои тргнаа да ја опишат земјата: „Отидете и обиколете ја сета земја и опишете ја, па тогаш вратете се кај мене за да фрлам жрепка тука пред Господа во Сило.”
9
Тие луѓе отидоа, поминаа низ земјата и ги запишаа во книга сите градови во седум делови, па се вратија кај Исуса во логорот во Сило.
10
А Исус фрли за нив жрепка во Сило пред Господа, и таму им ја раздели Исус земјата на Израелевите синови според нивните племенски делови.
11
И жрепката му падна на племето на Венијаминовите синови според нивните родови: се утврди дека нивниот дел е меѓу делот на Јудините синови и на Јосифовите синови.
12
Северната меѓа им се тегнеше од Јордан па излегуваше покрај северната стрмина на Ерихон, се искачуваше од запад на гората и завршуваше во пустината Вет-Авен.
13
Оттаму одеше кон Луз, односно Ветил; потоа се спушташе во Атарот-Адар, покрај брдото што е јужно од Долниот Вет-Орон.
14
Натаму меѓата завиваше и свршуваше од запад кон југ, од гората што се издига спроти Вет-Орон од југ, и завршуваше кај Киријат-Вал, денес Киријат-Јарим, град на Јудините синови. Тоа е западната страна.
15
Јужната страна почнуваше од границите на Киријат-Јарим, па се тегнеше на запад кон изворот Нефтој,
16
потоа меѓата се спушташе до крајот на гората што е спроти долината на Еномовиот син на север на Рафаимската низина, потоа слегуваше во долината Еном покрај Јевусејската Стрмина и стигаше до изворот Ен-Рогил.
17
Потоа свртуваше од север па излегуваше на Ен-Семес и го допираше Галилот, што се издига спроти Адумимското Нагорниште, и слегуваше на Каменот Воан, на Рувимовиот син.
18
Потоа поминуваше по стрмината од северната страна на Вет-Арава и слегуваше до Арава.
19
Натаму меѓата течеше покрај стрмината Вет-Огла кон север и свршуваше на северниот залив на Соленото Море, до јужниот крај на Јордан. Тоа е јужната меѓа.
20
Јордан пак беше меѓа на источната страна. Тоа е наследството на Венијаминовите синови, со нивните меѓи наоколу според нивните семејства.
21
Градовите на племето на Венијаминовите синови според нивните родови се: Ерихон, Вет-Огла, Емек-Кесис;
22
Вет-Арава, Семараим, Ветил;
23
Авин, Фара, Офра;
24
Хефар-Амона, Офниј и Гава: дванаесет градови со своите села.
25
Гаваон, Рама, Вирот;
26
Миспа, Хефира, Моса;
27
Рекем, Ирфаил, Тарала;
28
Сила, Елеф, Јевус (тоа е Ерусалим), Гават и Киријат: четиринаесет градови со своите села. Тоа е наследството на Венијаминовите синови според нивните родови.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands
:
Зачувајте белешки