Потоа застанав на морскиот песок и видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рогови; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови – богохулни имиња.
Ѕверот, кого го видов, прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата – како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт.
И видов, дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змевот, кој што му беше дал власт на ѕверот;
И со сета власт на првиот ѕвер тој дејствуваше пред него и ја тераше целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила;
И ги мамеше жителите земни со чудата, што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на жителите земни да му направат лик на ѕверот, кој што имаше рана од меч и остана жив.