Тогаш Јуда му рече на брата си Симеона: „Дојди со мене во земјата што ми е доделена во наследство - ќе војуваме против Ханаанците, а потоа јас ќе се борам покрај тебе во твојата земја.” И Симеон отиде со него.
Тогаш Адони-Седек рече: „Седумдесет цареви, со отсечени палци на рацете и на нозете, собираа трошки под мојот стол. Како што правев, така Бог ми враќа.” Го одведоа во Ерусалим, и таму умре.
Синовите на Кенеецот Јотор, Мојсеевиот дедо, отидоа од Палминиот Град со Јудините синови во Јудината Пустина, што е во Негев, на југ од Арад. Таму се населија меѓу Амаликците.
Потоа Јуда отиде со братот Симеон и ги погубија Ханаанците кои живееја во Сефат, и го предадоа на „херем”, на проклетство. Заради тоа градот беше наречен Орма (Истребување).
А Венијаминовите синови не успеаја да ги изгонат Евусејците, кои живееја во Ерусалим, и така Евусејците останаа во Ерусалим со Венијаминовите синови до денешен ден.
Манасиј не ги освои Вет-Сан и неговите села, ни Тахана и нејзините села. Не ги изгони ни жителите од Дора и од неговите села, ни жителите на Ивлеам и на неговите села, ни жителите на Мегида и на нејзините села. Така Ханаанците останаа и живееја во земјата.
И Нефталим не ги изгони жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат, туку живееше меѓу Ханаанците кои ја населуваа таа земја, ама им наметнаа данок на жителите на Вет-Семес и на Вет-Анат.