Еве ме! Посведочите против мене пред Господа и пред Неговиот помазаник: кому му одзедов вол и кому му одзедов осле? Кого го измамив? Кого го угнетував? Од кого примив поткуп за да замижам на едното око? Јас ќе ви вратам назад сè.”
Уште им рече: „Господ е сведок за вас, и Неговиот помазаник е сведок во овој ден, дека не најдовте ништо во мојата рака.” А тие одговорија: „Сведок е!”
Кога Јаков дојде во Египет Египетците ги притиснаа, а вашите татковци извикаа кон Господа за помош. И Господ ги испрати Мојсеја и Арона, кои ги изведоа вашите татковци од Египет, и ги насели на ова место.
Но тие Го заборавија Господа, својот Бог, и Тој ги предаде во рацете на Сисара, војводата на асорската војска, и во рацете на Филистејците и во рацете на моавскиот цар, кои војуваа против нив.
И пак извикаа кон Господа за помош, говорејќи: ‘Згрешивме, зашто Го оставивме Господа и почнавме да им служиме на ваалите и на астартите; избави нè сега од рацете на нашите непријатели па ќе Ти служиме!’
Ако се боите од Господа и ако Му служите, ако го слушате Неговиот глас и не се противите на Неговите заповеди, ќе го следете Господа, својот Бог, вие и царот кој царува над вас.
Ако не го слушате Господовиот глас, ако се противите на Неговите заповеди, тогаш Господовата рака ќе се спушти на вас и на вашиот цар, како што беше против вашите татковци.
Не е ли сега пченичната жетва? Ама јас ќе Го повикам Господа, и Тој ќе испрати громови и дожд. И ќе разберете јасно колку е големо злото што го направивте пред Господа, барајќи цар за себе.”
И сиот народ му рече на Самоила: „Моли Му се на Господа, на својот Бог, за своите слуги, за да не изумреме, зашто кон сите свои гревови додадовме зло - барајќи цар за себе.”
Ама Самоил му рече на народот: „Не бојте се! Навистина вие го сторивте сето ова зло, ама сега веќе не го оставајте Господа, туку служете Му на Господа со сето свое срце.