Јонатан ја сметна горната облека своја, што беше на него, и му ја даде на Давида, исто така и другата облека своја, и мечот свој, и лакот свој, и појасот свој.
А Давид постапуваше разумно насекаде, каде и да го испратеше Саул, и Саул го направи началник над воените луѓе; и тоа му се допадна на сиот народ и на слугите Саулови.
Кога одеа, при враќањето на Давида од победата над Филистеецот, жените од сите израилски градови излегуваа да го пресретнат царот Саул со песни, игри и радосни извици, со тимпани и кимвали.
И се случи на другиот ден, лошиот дух од Бога го нападна Саула, и тој беснееше во куќата своја, а Давид свиреше со раката по струните, како и во другите денови; Саул држеше во раката копје.
Саул му рече на Давида: »Ете, поголемата ми ќерка Мерова ќе ти ја дадам за жена, само биди ми јунак и води ги војните Господови.« Зашто Саул си мислеше: нека не биде мојата рака врз него, туку раката на Филистејците нека биде врз него.
Саул си мислеше: »Ќе ја омажам за него, и таа ќе му биде стапица, и раката на Филистејците ќе биде врз него.« И му рече Саул на Давида: »Денес ќе се сродиш со мене преку другата.«
Тогаш Саул им заповеда на слугите свои, велејќи: »Кажете му тајно на Давида: – ете, царот е благонаклонет кон тебе, и сите слуги негови те сакаат; затоа стани му зет на царот.«
И слугите Саулови ги предадоа во ушите на Давида сите тие зборови. А Давид рече: »Зар ви се чини дека е лесно да бидеш зет на царот? Јас сум човек беден и мал.«
Тогаш Саул рече: »Вака кажете му на Давида: царот не сака мираз, туку само сто филистејски обрезоци за одмазда на царевите непријатели.« Зашто Саул беше на мисла да го погуби Давида со рацете на Филистејците.
Уште не беа изминале определините денови, Давид стана, тргна тој и луѓето со него, и изби двесте души Филистејци; па ги донесе Давид нивните обрезоци, и му ги предаде на царот во полн број, за да стане зет царев. И Саул му ја даде за жена ќерка си Мелхола.
А кога филистејските војводи излегоа во војна, Давид уште од самото излегување нивно дејствуваше поразумно од сите Саулови слуги, и многу се прослави името негово.