И му рекоа на Давида луѓето негови: »Еве го денот, за кој ти говореше Господ: ‚ете, Јас ќе го предадам твојот непријател во рацете твои‘ и ќе сториш со него, она што ти е угодно.« Давид стана и полека ја пресече полата на Сауловата горна облека.
Потоа стана и Давид, излезе од пештерата и извика по Саула, велејќи: »Господару мој, цару!« Саул погледна назад, и Давид падна со лицето на земјата, и му се поклони.
Ете, денес гледаат очите твои, дека Господ те предаваше во рацете мои во пештерата, и ми говореа да те убијам, но јас те поштедив и реков: нема да кренам рака на мојот господар, бидејќи тој е помазаник на Господа.
Татко, погледни ја полата на облеката твоја во мојата рака, јас ја пресеков полата од облеката твоја, а тебе не те убив; знај и увери се, дека во раката моја нема зло, ни непријателство, и дека јас не сум згрешил спрема тебе; а ти ја бараш душата моја, за да ја одземеш.