Библија за една година Март 16Марко 14:27-5427. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Сите вие ќе Ме напуштите, како што е запишано:, Ќе удрам по Пастирот и овците ќе се разбегаат!‘28. Но кога ќе воскреснам, ќе ве чекам во Галилеја!“29. Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“30. Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“31. „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици.32. Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“33. Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован.34. Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“35. Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања.36. Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“37. Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час?38. Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“39. Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва.40. Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат.41. Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници.42. Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“43. И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини.44. Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“45. Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж.46. Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија.47. Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот.48. А Исус им рече: „Што сте излегле против Мене со мечеви и со стапови?49. Секојдневно седев со вас во храмот и поучував, ама не Ме уапсивте. Но мора да се исполнат запишаните претскажувања за Мене.“50. Тогаш сите ученици на Исус се разбегаа и Го напуштија.51. По Него одеше само едно момче наметнато со платно на голото тело.52. Се обидоа и него да го фатат, влечејќи го за платното, но момчето го остави платното и им побегна.53. Исус беше доведен кај Првосвештеникот. Таму се собраа сите свештенички поглавари, народни старешини и вероучители.54. Петар Го следеше оддалеку, сe до дворот на Првосвештеникот. Таму седна да се грее околу огнот, заедно со чуварите. Macedonian Bible 1999 (MNT) Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia.