Библија за една година Јули 12Дела 17:1-151. Потоа Павле и Сила поминаа низ градовите Амфиполис и Аполонија, па пристигнаа во Солун. Таму имаше еврејска синагога.2. Како што обично правеше, Павле дојде кај нив и три саботи по ред им проповедаше од Светото Писмо,3. објаснувајќи им и докажувајќи им дека беше неопходно Месијата да настрада и да воскресне од мртвите. Тој им рече: „Исус е Месијата. За Него ви проповедам.“4. Некои од нив поверуваа и им се приклучија на Павле и Сила, а пристапија и голем број побожни Грци и значителен број жени од високите кругови.5. Евреите ги фати завист, па собраа од пазариштето неколку денгубници и тргнаа во толпа да го вознемируваат целиот град. Ја нападнаа куќата на Јасон и бараа да им ги изведат Павле и Сила пред толпата.6. Откако не ги најдоа таму, го фатија Јасон, заедно со неколкумина други христијани и ги одвлекоа кај градските власти, па почнаа да викаат: „Тие што го вознемирија целиот свет сега пристигнаа и овде!7. А Јасон ги прибира и сите тие ги кршат законите на римскиот император со тоа што тврдат дека постои друг цар - некојси Исус!“8. Слушајќи го ова, народот и властите се вознемирија,9. меѓутоа, откако зедоа од Јасон и од другите христијани пари во залог - ги ослободија.10. Уште истата ноќ христијаните од Солун итно ги испратија Павле и Сила во градот Верија. А тие, штом стигнаа во градот, влегоа во еврејската синагога.11. Евреите од Верија беа многу поблагородни од оние во Солун и со одушевување го примаа она што им го проповедаше Павле. Секојдневно го проучуваа Светото Писмо, за да проверат дали она што тој им го проповеда е вистина.12. Затоа многумина од тамошните Евреи поверуваа, а поверуваа и поголем број видни жени и мажи од Грците.13. Кога Евреите од Солун дознаа дека Павле и во Верија ја проповеда Божјата порака, дојдоа да ги подбуцнуваат луѓето против Павле.14. Тогаш христијаните веднаш го испратија Павле до морскиот брег, а Сила и Тимотеј останаа во Верија.15. Неколку христијани го спроведоа Павле до Атина. Потоа Павле им рече да се вратат и да им пренесат на Сила и Тимотеј што е можно побрзо да дојдат и тие. Macedonian Bible 1999 (MNT) Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia.