Давајте и ќе ви се даде: добра мерка - набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери.”
Блажени се оние кои тагуваат, зашто тие ќе бидат утешени!
А мојот Бог ќе ја исполни славно секоја ваша потреба, според Своето богатство - во Христа Исуса.
Да нè благослови Бог! Нека се бојат од Него сите краишта на земјата.
[24] „Господ нека те благослови и нека те чува! [25] Господ нека погледне на тебе со Своето светло лице и нека те помилува!
[6] Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! [7] И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса.
Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена.
[7] Благословен да биде човек, кој се надева во Господа, и кому Господ му е надеж. [8] Сличен е на дрво засадено покрај вода што ги пушта корењата кон потокот: не треба да се плаши од ништо кога ќе дојде жегата, на него зеленилото останува секогаш. Во сушна година не се грижи, не престанува да донесува плод.
Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница.
И, сите ние примивме од Неговата полнота: благодат врз благодат.
[16] и рече: „Се заколнувам Сам со Себеси, Господ вели: бидејќи го направи тоа и не го задржа од Мене својот син единец, [17] ќе го излеам Својот благослов на тебе и ќе го направам твоето потомство многубројно, како ѕвезди на небото и песок на морскиот брег! А твоите потомци ќе ги освојуваат вратите на своите непријатели.
[28] Бог нека ти даде роса од небото и плодност на земјата: изобилство на жито и вино. [29] Народите да ти служат, племињата да ти се поклонуваат! Да господариш над своите браќа, синовите на мајка ти нека се поклонуваат пред тебе! Проклет да биде кој те проколнува; благословен - кој те благословува!”
[1] Блажен е човекот кој не оди по советот на нечесните, и не стои на патот на грешниците, и не седи во седиштето на потсмевачите; [2] туку волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе: [3] Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сè што прави, во сè успева.
[1] Господ е Пастир мој; ништо нема да ми недостасува, [2] На зелени пасишта Тој ми дава починка; При тивки води - ме води. [3] Ја освежува мојата душа, ме води по патеките на правдата, поради Своето име. [4] Ако тргнам и низ долината на смртната сенка, нема да се уплашам од злото, зашто Ти си со мене. Твојот жезал и Твојата палка ме утешуваат.
[3] Боже мој, пештеро моја во која прибегнувам, штит мој, спасение мое, крепост моја! Ти ме избавуваш од насилство. [4] Ќе го повикам Господа, Кој е предостоен за пофалба и ќе бидам избавен од непријателите.
Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него.
Кога ќе чекорам низ неволји, чувај ми го животот, испружи ја раката против гневот на моите непријатели; нека ме спаси Твојата десница!
А Бог е силен да направи сета благодат да се излее изобилно врз вас, за да имате во сè секогаш сè што е потребно и да ви остане за секое добро дело,
И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса.
Macedonian Bible (MKB) 1999
Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands